Maѓар најави крај на „Орбанизмот“ на Балканот

Maѓар најави крај на „Орбанизмот“ на Балканот

Унгарската политичка сцена зовре по последната меѓународна прес-конференција на опозицискиот лидер Петер Маѓар, победникот и иден премиер, кој најави драматичен пресврт во надворешната политика на Унгарија и директно ги отвори прашањата за влијанијата на Будимпешта во Западен Балкан. Во жесток настап, Маѓар најави „крај на орбанизмот“ и дистанцирање од политиките поврзани со актуелниот премиер Виктор Орбан, особено во однос на регионалните интервенции и политичките влијанија. Маѓар испрати директна порака дека Унгарија повеќе нема да се вмешува во изборни процеси во регионот, со посебен акцент на Македонија. „Нема да влијаеме на избори, ниту во Северна Македонија, ниту во која било друга земја. Тоа завршува. Европа мора да почитува суверенитет“, порача тој. Најголемо внимание предизвика делот посветен на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Маѓар практично најави крај на унгарската политика на политички азил за лица со судски постапки, испраќајќи порака дека Унгарија нема да биде „скривалиште за меѓународно барани лица“. Во остар тон, тој индиректно порача дека ваквите случаи ќе бидат предмет на ревизија и меѓународна соработка. Ироничната порака дека „не е време за купување нов мебел“ беше протолкувана како сигнал дека статусот на дел од бегалците во земјата би можел да се промени. Поддршка за проширување на Европската Унија Лидерот на „Тиса“ нагласи дека идната унгарска политика ќе биде силно про-европска, со фокус на забрзување на проширувањето на ЕУ. Според него, земјите од Западен Балкан не смеат да останат заглавени во долги политички блокади и треба да добијат фер шанса за членство, доколку ги исполнуваат критериумите. Маѓар се осврна и на пошироките регионални односи, алудирајќи на политичките врски меѓу Будимпешта и Белград, предводен од претседателот Александар Вучиќ. Тој најави можни проверки на, како што ги нарече, „политички координации и влијанија“ во регионот, истовремено повикувајќи на поголема независност на медиумите и граѓанското општество. Пораките од Будимпешта се толкуваат како сигнал за потенцијално нова ера во односите меѓу Унгарија и Западен Балкан. Ако најавите на Маѓар се реализираат, политиката на Будимпешта би можела значително да се оддалечи од досегашниот курс и да се фокусира на намалување на влијанието во внатрешните политички процеси во регионот, вклучително и во Македонија.


Може ли Петер Маѓар да ја прекине зависноста на Унгарија од руска нафта?

Може ли Петер Маѓар да ја прекине зависноста на Унгарија од руска нафта?

Петер Маѓар, очекуваниот иден унгарски премиер, победи на општите избори со убедлива победа, соборувајќи го Виктор Орбан, кој беше во заминување, по 16 години на власт и покренувајќи прашања за тоа дали Будимпешта ќе се оддалечи од руската енергија. Новиот унгарски премиер Петер Маѓар би можел да ја обликува не само домашната политика, туку и иднината на енергетските врски на Европа со Русија, откако победи на изборите на 12 април и вети дека ќе ја елиминира зависноста на неговата земја од рускиот увоз на енергија до 2035 година. Унгарија, исто така, вети дека ќе ја усогласи Унгарија поблиску со напорите на ЕУ за диверзификација на снабдувањето со нафта и гас, процес што ЕУ го започна во 2022 година по руската инвазија на Украина. Но, иако отстапувањето од зависноста на заминувачкиот премиер Виктор Орбан од руската нафта би можело да го забрза оддалечувањето на регионот од Москва, тоа нема да дојде без економски и логистички предизвици. „Географската положба ниту на Русија ниту на Унгарија нема да се промени. Нашата енергетска изложеност исто така ќе биде тука некое време“, изјави Маѓар за локалните медиуми неколку дена пред изборите. „Диверзификацијата треба да се зајакне, но тоа нема да се случи преку ноќ. Доколку е потребно, ќе преговараме (со Русија), но нема да станеме пријатели“, додаде Унгарецот од Тиса партијата. Маѓар рече дека ќе го преиспита финансирањето за нуклеарниот проект Пакш II, голем унгарски проект за проширување кој се развива во соработка со Русија, а воедно ќе го истражи и потенцијалот за забрзување на распоредувањето на помали, попристапни модуларни реактори во соработка со партнери како што се Франција и САД. Со години, Орбан во заминување ја водеше Унгарија по посебен пат во рамките на ЕУ, одржувајќи силни енергетски врски со Москва дури и кога голем дел од блокот работеше на намалување на зависноста од руската нафта и гас по војната во Украина. Под Орбан, позицијата на Унгарија во голема мера беше во спротивност со целта на ЕУ за енергетска транзиција , покренувајќи прашања дали новото раководство ќе остане слаба алка во енергетската стратегија на блокот. Земјата увезуваше приближно 100.000 барели руска сурова нафта дневно во 2025 година, според аналитичарите на S&P Global Energy CERA, што претставува околу 90% од нејзината понуда.


Maѓар по победата: Разговорите со Путин се неизбежни

Maѓар по победата: Разговорите со Путин се неизбежни

Будимпешта – Победникот на парламентарните избори во Унгарија, Петер Маѓар, изјави дека Будимпешта, и покрај промената на владата, нема да може да избегне разговори со Москва, нагласувајќи дека географијата и енергетската зависност на земјата не можат да се променат преку ноќ. Пораката на новиот унгарски лидер го привлече вниманието на европската јавност, бидејќи доаѓа во време кога во Брисел и во некои западни медиуми победата на неговата партија се толкува како јасен прекин со политиката на Виктор Орбан кон Русија. Маѓар оцени дека, доколку е потребно, Унгарија ќе мора да седне на преговарачка маса со рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи, како што рече, ниту географската положба на Русија ниту на Унгарија нема да се промени, ниту фактот дека енергетската зависност на Будимпешта ќе продолжи уште некое време. Во исто време, додаде дека треба да се зајакне диверзификацијата на изворите на снабдување, но дека ова не е процес што може да се заврши преку ноќ. Тој нагласи дека, доколку е потребно, ќе има разговори со Москва, но дека тоа не подразбира политичко приближување, туку прагматичен пристап базиран на државните интереси. Ваквата изјава дополнително укажува дека по изборниот пораз на Фидес, може да следи промена во стилот и тонот на унгарската политика, но не и ненадеен прекин со клучните државни интереси во областа на енергетиката. Новиот курс, како што може да се заклучи од првите пораки, подразбира постепено намалување на зависноста од руските енергетски извори, но без ризични и ненадејни потези што би можеле да ја загрозат економската стабилност. Во овој контекст, првите пораки на Петер Маѓар можат да се протолкуваат како сигнал дека промената на владата во Будимпешта не значи автоматски радикална промена во насоката на надворешната политика, туку обид за балансирање на обврските кон Европската Унија и реалните потреби на унгарската економија. Прашањето за односите со Русија, според тоа, останува едно од клучните за идната унгарска политика и сигурно е дека новата влада ќе се обиде да води прагматичен курс, во кој разговорите со Москва остануваат неизбежни, без оглед на политичките разлики.


Ако падне Орбан – кој ќе падне со него?

Ако падне Орбан – кој ќе падне со него?

Пишува: Андреј Жерновски Утрешните избори во Унгарија не се само национален настан. Тие се политички земјотрес чии последици ќе се почувствуваат далеку надвор од границите на таа земја – вклучително и кај нас.Прашањето никогаш не било дали Македонија треба да има односи со Унгарија. Прашањето е какви односи гради- и во чиј интерес. Затоа, ова не е само приказна за Виктор Орбан, туку приказна за сите кои ја врзаа својата политика, својата реторика и својата иднина за неговиот модел. И тука неизбежно доаѓаме до Христијан Мицкоски. Долги години, политичката линија што ја следи ВМРО-ДПМНЕ не е само домашна стратегија. Таа е рефлексија на еден поширок, орбановски пристап: конфликт со Западот кога одговара, контролирање на наративот преку медиуми, и градење политичка моќ преку поларизација наместо преку реформи. Но најголемиот проблем за Мицкоски не е што го следи Орбан, туку што зависи од него. Денес веќе не зборуваме само за политичка блискост. Зборуваме за конкретна инфраструктура: медиуми со сопственичка и уредувачка поврзаност, координирани пораки лиферувани од Москва, како и финансиски текови кои отвораат сериозни дилеми. Кога унгарски структури блиски до власта преземаат медиуми во Македонија, тоа не е бизнис, туку влијание. Кога тие медиуми систематски ја туркаат истата анти-ЕУ и про-Кремљ политичка агенда, тоа не е случајност, туку стратегија. И кога на тоа ќе се додаде кредитната линија од една милијарда евра од Унгарија, во ист момент кога самата Унгарија се задолжува до идентичен износ од Кина, тогаш прашањата стануваат уште погласни. Кој навистина финансира? Кој поставува услови? И кому се должи политичката лојалност? Сосема е јасно дека овде не се работи само за класичен билатерален однос, туку за пентагон на влијание – Будимпешта, Белград, Москва, Пекинг и локалниот, односно лојалниот политички партнер. Ако парите ја менуваат адресата, за да не ја променат геополитичката тежина, тогаш ова не е само економско прашање. Ова е прашање на влијание. Затоа што кога ќе ги споите медиумската експанзија, политичките сојузништва и финансиските текови, добивате целосен модел на присуство. Модел кој не се наметнува отворено, туку се вградува постепено во системот, во јавниот простор, во перцепцијата. И токму затоа, врските меѓу унгарските структури и дел од македонската политичко-медиумска сцена не се случајни. Тие се дел од поширока стратегија. Во Унгарија, Орбан создаде систем во кој изборите постојат, но резултатот е структурално насочен. Надвор од Унгарија, истиот тој модел се проектира преку медиуми, капитал и политички бизнис партнери на Мицкоски. Ова не е класична пропаганда. Ова е таа т.н. модерна архитектура на влијание. Не доаѓа со забрани, туку со инвестиции. Не доаѓа со цензура, туку со доминација. И токму затоа е поопасна, затоа што додека формално сè изгледа демократски, суштината полека се менува. Затоа, доаѓаме до клучниот момент. Ако Орбан ја изгуби власта, не паѓа само една влада. Паѓа цел систем на поддршка, мрежа на влијание и политички штит зад кој многумина во регионот се чувствуваа сигурно. Тогаш прашањето не е само што ќе се случи во Унгарија, туку што ќе се случи со Мицкоски? Затоа што без Орбан, неговата политика останува без единствениот европски покровител. Останува без медиумска поддршка однадвор и без геополитичка рамка. Односно, останува само со западнобалканскиот, односно соседниот соборец. И тогаш ќе мора да се соочи со нешто што досега го избегнуваше- реалноста. Реалност во која не е доволно да се создаваат наративи. Во која не е доволно да се контролира просторот. Реалност која граѓаните бараат резултати, а не конструкции, лаги и дефокус. Ете зошто овие избори се важни и за нас. Не само затоа што ќе одлучат кој ќе владее во Будимпешта, туку затоа што ќе покажат дали моделот што некои сакаат да го пресликаат овде – има иднина. Или ќе се распадне заедно со оној што го создаде. А ако се распадне, ќе ги повлече со себе и сите кои инсистираат на владеење без вистинска демократија, зошто да не и без резултати. Точно, исходот во Унгарија нема да ја реши македонската реалност, но ќе покаже дали влијанијата што веќе се присутни ќе се зацврстат, или ќе се отворат услови конечно да бидат јавно преиспитани, последователно и казнети. Па затоа, прашањето не е само дали Орбан ќе падне. Прашањето е кој ќе падне утре со него. Или, ако сакате- ќе дувне ли северец?