Грција и Кипар и ова лето ќе се поврзат со редовна бродска линија

Грција и Кипар и ова лето ќе се поврзат со редовна бродска линија

Грција и Кипар и ова лето, петтата година по ред, ќе се поврзат со директна бродска линија, траектите ќе сообраќаат од крајот на мај до 1 септември, а цените за патувањето што трае околу 31 час се непроменети од лани и почнуваат од 41 евро во еден правец, јави дописничката на МИА од Атина. Годинава бродскиот превоз ќе се врши со поголем траект што има капацитет да пренесе 394 патници и 290 возила, располага со 20 еднокреветни, 10 двокреветни и 58 четирикреветни кабини, две трокреветни кабини за лица со инвалидитет, осум четирикреветни кабини за патници со домашни миленици, како и 84 авионски седишта, а во бродот има ресторан, кафетерија, медицинска служба и казино. Во однос на фреквенцијата на линиите за 2026 година, планирани се вкупно 22 повратни патувања, од кои шест ќе се реализираат во периодот мај – јуни, осум во јули и уште осум во периодот август – септември. Цените, како што соопштија од Министерството за поморство на Кипар, остануваат исти како и лани и нема никакви зголемувања. Според кипарските медиуми, за патување во еднокреветна кабина цената за едно лице е 76,08 евра во еден правец, а повратниот билет чини 152,16 евра, во двокреветна кабина е 71,08, односно 142,16 евра, додека за четирикреветна билетот е 66,08 и 132,16 евра. Најевтин е билетот доколку се одбере седиште и чини 41,08 евра во еден правец, односно 82,16 доколку е повратен. За возилата до пет метри, вкупната цена изнесува 134,05 евра во еден правец и 268,10 евра повратен билет, додека за домашни миленици во кабина, цената е 50 евра за еден правец. На прес-конференцијата во Министерството за поморство на Кипар биле презентирани и податоците за патничкиот сообраќај во изминатите четири години, при што од првата до четвртата година има зголемување од 6,27 отсто на бројот на патници, 157,14 проценти на патници со инвалидитет, 35,07 отсто зголемување на бројот на возила и 74,63 проценти зголемување на бројот на домашни миленици. Од 2022 до 2025 година траектот го искористиле 30.459 патници, 161 лица со попреченост, 10.680 возила и 1.130 домашни миленици. Бродската линија меѓу Грција и Кипар, по пауза од над 20 години одново беше воведена во јуни 2022 година. Двете земји, за прв пат бродски се поврзале во 1960 година, а линијата ги поврзувала пристаништата од Кипар, Грција, Израел, Либан и Египет. Во 2000 година, бродскиот сообраќај бил прекинат бидејќи линијата била економски непрофитабилна за компаниите поради намалениот број патници. МИА