Иран ги предупреди земјите од Персискиот Залив за американската блокада на Хормуз

Иран ги предупреди земјите од Персискиот Залив за американската блокада на Хормуз

Иран ги предупреди земјите од Персискиот Залив за ризиците од американската поморска блокада на иранските пристаништа, објави Си-Ен-Ен. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, разговараше со своите колеги од Саудиска Арабија и Катар за она што го нарече „опасности од провокативни американски потези“. Во разговор со саудискиот министер, тој истакна дека Иран „го прифатил прекинот на огнот со добра намера“, но ги обвини САД за пропаѓањето на преговорите. „За жал, бевме сведоци на продолжување на американската алчност во преговорите, што доведе до неуспех“, рече тој, осврнувајќи се на неуспешните разговори одржани за време на викендот во Пакистан. Во одделен разговор со катарскиот министер, Арагчи нагласи дека Иран „одговорно учествува во дипломатскиот процес“ за заштита на националните интереси и регионалната безбедност. Во исто време, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, предупреди дека блокадата на САД може да има последици врз глобалната економија. Тој рече дека таков потег би претставувал еден вид одмазда против светската економија. Морската блокада на Иран од страна на САД стапи на сила денес во 16 часот по европско време и го опфаќа целиот ирански брег, како и сообраќајот во Оманскиот Залив и Арапското Море. Американската војска предупреди дека бродовите што влегуваат во областа без дозвола би можеле да бидат пресретнати или запленети, додека Иран се закани со одмазда, што дополнително го зголемува ризикот од ескалација на конфликтот во Ормутскиот теснец, еден од клучните светски патни правци за превоз на нафта.